Дибиров атакува на сопствениот рекорд во ЛШ

Ракометот ќе биде „во аут“ уште најмалку два месеци, а ЕХФ во меѓувреме прави анализа на досегашниот тек од елитните натпреварувања. За Тимур Дибиров е вообичаено да биде при самиот врв на листата на стрелци во Лигата на шампионите, а тоа е случај и сезонава, во која тој веќе има 69 погодоци зад своето име.

Левото крило на Вардар и на 36-годишна возраст е мајстор на ракометната игра, моментно се наоѓа на четвртото место меѓу стрелците во ЛШ, со само еден гол заостанување зад третопласираниот Никлас Екберг од Кил. Воедно, Русинот го брка сопствениот рекорд во Лигата на шампионите, што изнесува 78 погодоци. Дибиров три сезони стигнувал до оваа бројка, последен пат лани, а годинава би можел конечно да го надмине ова остварување доколку одигра на посакуваното ниво на двомечот со Пик Сегед. ЕХФ ги одложи осминафиналните натпревари за почетокот на јуни, со надеж дека во меѓувреме состојбата со коронавирусот ќе се стабилизира и повторно ќе се создадат услови за играње ракомет.

Најдобар стрелец во групната фаза од ЛШ е Уго Дескат, крилото на Монпелје досега има 75 погодоци, пред Пукхуски од Мотор со 74 и Екберг од Кил со 70 постигнати голови.

Се вчитува...