Дибиров е песимист: Пред Вардар се тешки времиња

Вардар бележеше огромен резултатски пад во последните месеци, а покрај неколкуте повреди на важни ракометари, влијание врз играта дефинитивно имаат и финансиските проблеми со кои се соочуваат „црвено-црните“. Крилниот ракометар Тимур Дибиров во интервју за руските медиуми обелодени дека финансиската состојба на актуелниот европски првак воопшто не е подобрена во однос на ланската сезона.

„Наспроти општото мислење дека финансиската состојба е подобрена, можам да кажам дека не е точно. Напротив, ситуацијата е уште полоша. Очигледно е дека ова ќе придонесе да дојде до сериозни проблеми во вториот дел од сезоната бидејќи речиси целата екипа има договори само до јуни 2020 година. По сето она што го доживуваме, нема смисла да разговараме за продолжување на соработката. Како што ми изгледа, пред Вардар се тешки времиња“ – вели Дибиров.

Коментарот на рускиот интернационалец, кој важи за многу близок до првиот човек на клубот, Сергеј Самсоненко, многу јасно ја отсликува ситуацијата за сериозната криза во која се наоѓа Вардар. „Црвено-црните“ лани приредија сензација откако се покажаа посилни од сите проблеми и се искачија на врвот на ракометна Европа, но со моментниот ростер и се поголемите проблеми, повторувањето на тој успех се чини невозможна мисија.

Се вчитува...