Тимур Дибиров веќе наполни 41 година, но поранешниот ракометар на Вардар се уште игра на највисоко можно ниво. Доказ за тоа е и синоќешниот дуел меѓу Барселона и Загреб на кој каталонскиот гигант славеше убедлива победа, но Дибиров беше најдобар поединец во таборот на Загреб постигнувајќи осум погодоци во мрежата на Барса.
Она што е уште позначајно, Тимур со оваа извонредна партија се искачи на второто место на вечната листа од најдобри стрелци во Лигата на Шампионите, стигнувајќи до 1200 погодоци во елитното натпреварување, со што зад себе го остави легендарниот Никола Карабатиќ.
Врвот е резервиран за неповторливиот Кире Лазаров, македонската спортска икона во кариерата постигна 1482 гола во Лигата на Шампионите, рекорд што уште долго ќе биде недостижен во европскиот ракомет.
„Јубилејниот погодок е одличен, но пред се сакам да кажам дека сум неизмерно благодарен на сите свои тренери и соиграчи, што воопшто се најдов во ваква позиција да имам толку многу постигнати погодоци. Говорам за сите од Чеховски Медведи на чело со тренерот Максимов, луѓето од Вардар и сега од Загреб… Секако, не би бил тука каде што сум во моментов без поддршката од најблиските“, истакна Дибиров.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА