Дибиров: Мечот со Загреб ќе биде пресметка на два тима кои трагаат по ново лице во новата сезона

Вардар утре од 20:30 часот преку полуфиналниот натпревар со хрватскиот шампион Загреб го стартува настапот на Ф4 турнирот од СЕХА регионалната лига.

„Вардарци“ среќно обезбедија место меѓу најдобрите четири екипи во регионалното натпреварување, но тоа без сомнение треба да биде поттик повеќе за ракометарите на Стевче Алушовски конечно посакуваното натпреварувачко лице да го демонстрираат на завршниот турнир.

„Секој Ф4 турнир на СЕХА за Вардар, откако сум тука е нешто поразлично од претходниот. И секој ваков турнир го чекаме со нов мотив, па веројатно е тоа што како екипа не носи до успесите. Сега во малку послаба форма влегуваме пред овој турнир, па јавноста очекува да играме далеку подобро од претходните изданија против Пелистер и Нексе. Не сакам да барам оправдание, но имаме големи промени во тимот, десет нови ракометари и сигурно треба период да се вклопи тимот. Ние минатите години имавме еден систем на работа со мали промени во тимот, а сега почнавме од нула и треба трпение иако знаеме дека треба да се носиме со тој притисок“ – вели Тимур Дибиров, дополнувајќи дека ќе дадат максимумот за да дојдат до финалето во Задар.

„Знаеме зошто сме тука, знаеме кои се нашите задачи и сигурно сакаме да ги реализираме целите и очекувањата. Можеби со мали чекори одиме напред, но одиме. Сега не чека полуфинале со Загреб и тоа што посакуваме е да бидеме се подобри од натпревар на натпревар. Најважно е што атмосферата е одлична во тимот, имаме тежок период кој мора да го поминеме, имаме поддршка од тренерот и ќе дадеме максимум од нас да се пласираме во финалето. Загреб е исто така тим кој претрпе промени во тешка состојба, можеби се во слична ситуација како нас. Ќе биде тоа дуел на две екипи кои бараат за себе ново лице и форма“.

Во првата полуфинална пресметка утре од 18 часот ќе се соочат Веспрем и Брест Мешков.

Се вчитува...