Рускиот интернационаец Тимур Дибиров вели дека Вардар е клубот кој му помогнал да го оствари сонот, да застане на кровот на Европа во два наврати, и затоа едноставно морал да остане до крајот и да му помогне на тимот во тешките моменти. Јасно е дека вардарци подолг период кубурат со финансиски средства, а оваа најнова криза предизвикана од коронавирусот само дополнително ќе ги влоши работите. Сепак, Дибиров вели дека ќе биде крајно благодарен за секој миг во „Јане Сандански“.
„Моја животна желба беше да ја освојам Лигата на шампионите. Таму се игра ракометот на највисоко ниво и сон на секој ракометар е да стигне до пехарот. Не можев да поверувам дека мојот сон стана реалност. Сепак, знам колку многу вложив за да стигнам до врвот.Вардар ми помогна да си го остварам мојот сон и затоа сум многу благодарен. Сега ситуацијата е навистина тешка. Но, по се што минавме заедно, едноставно морав да останам до крај и да му помогнам на тимот во тешките моменти“, изјави Тимур Дибиров за „7 метри“.
Вардарци ги прекинаа тренинзите поради пандемијата на коронавирусот и во моментот тренираат самостојно во домашна атмосфера.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА