Диего Коста се враќа во Атлетико за 50 милиони евра

Сагата околу иднината на Диего Коста конечно ќе заврши откако Атлетико Мадрид пронајде заеднички јазик со Челси и ги договори условите за трансферот на шпанскиот репрезентативен голгетер. Мадридскиот весник „Ас“ вечерва обелодени дека англискиот првак ја прифатил понудата од вкупно 50 милиони евра, од кои 40 при реализација на трансферот и уште десет преку неколку клаузули.

Коста изјавуваше дека Атлетико е единствениот клубот за кој сака да игра, отфрлајќи ги сите останати понуди што пристигнаа до него. По конфликтот со Антонио Конте тој целото лето го мина во Бразил, одбивајќи да се врати во Лондон, за што беше казнет и со одземање на двонеделна плата.

Шпанскиот репрезентативец во последните денови инсистираше што поскоро да биде најден заеднички јазик, по што следеше и последната понуда на Атлетико што челниците на Челси ја прифатија.

Последен проблем останува фактот дека Атлетико Мадрид поради казната од ФИФА не смее да регистрира нови фудбалери до јануари, поради што Коста ќе мора да биде позајмен на друг клуб (најверојатно во Шпанија) до крајот на оваа календарска година.

Се вчитува...