Диего Коста: Си одам од Челси, Конте ми прати СМС дека не смета на мене

Диего Коста со 20 погодоци беше меѓу најзаслужните за титулата на Челси во Премиер-лигата, но шпанскиот репрезентативец летово нема да остане на „Стемфорд бриџ“. Тој оваа одлука им ја соопшти на шпанските новинари по дуелот против Колумбија, како причина наведувајќи ја решеноста на менаџерот Антонио Конте да не смета на Коста во претстојната сезона.

Јас имам договор со Челси и би сакал да останам, но Конте не смета на мене. Тој веќе ми прати СМС за да ми соопшти дека не сум дел од неговите планови. Веќе ја препратив пораката до луѓето од клубот, се е јасно, морам да пронајдам друг тим“ – истакна шпанскиот ас.

Антонио Конте во јануари годинава имаше сериозен конфликт со Коста поради инсистирањето на голгетерот да му биде дозволено да си замине од Челси. Менаџерот на „сините“ успеа да го убеди својот најдобар напаѓач да остане, но очигледно е дека не го заборавил односот на шпанскиот ас, па нема да смета на неговите услуги во иднина. Челси веќе почна преговори со Евертон за трансфер на Ромелу Лукаку, за чии услуги „сините“ ќе платат околу 100 милиони фунти.

Најсериозна опција за Коста беше камбек во редовите на Атлетико Мадрид, клубот од каде пред три години дојде во Челси за 40 милиони евра, но ситуацијата се искомпликува со забраната за трансфери на „јорганџиите“.

Не можам да седам и да чекам да дојде зимата, пет месеци да бидам без натпревари. Морам да мислам и на Светското првенство“ – реален е Диего Коста.

Се вчитува...