Диксон броеше до 41, но Еуро Никел забележа рутинска победа против Вардар

Кошаркарите на Еуро Никел ја забележаа 12. победа во сезоната откако во 21. коло славеа над Вардар со 96-79. „Сино-белите“ го контролираа денешниот меч од самото отварање на средбата па се до крајот, одиграа одлично во противничкиот рекет каде постигнаа 58 поени и сосема заслужено стигнаа до посакувната победа. Гостите во своите редови го имаа фантастичниот Дикембе Диксон кој го предводеше скопскиот тим со дабл-дабл од 41 поени и 11 скока, но Американецот немаше поддршка од своите противници.

Текот на натпреварот кавадарчани го назначија уште од самото отварање на мечот кога за нешто повеќе од пет минути игра стигнаа и до првата двоцифрена предност (16-6), но гостите успеаја да ја стабилизираат играта, а со тоа и да ја преполоват предноста во крајот на првите десет минути (20-15). Работите не се променија до полувремето до кое избраниците на Самарџиев продолжија да ја контролираат играта, а и покрај тоа што Еуро Никел во еден момент имаше и предност од единаесет поени, по 20. минути игра на семафорот стоеше предност од 43-35. Гостинот помотивирано влезе во второто полувреме и веќе во третата четвртина во неколку наврати стигна до негатива од еден напад. „Сино-белите“ одговорија на предизвикот, не дозволија целосно враќање во натпреварот па ја одржаа предноста и по третата четвртина (68-61), а добрата игра ја пренесоа и во последните десет минути во кои повторно стигнаа до двоцифрена предност, а овојпат „црвено-црните“ немаа сили да се изборат за нов егал.

Седум играчи во „сино-бело“ имаа двоцифрен број на поени, а Дарко Соколов беше прво име во домашниот состав со 20 поени, 9 скока и 5 асистенции, додека него го следеше Роберт Рикиќ со 18 поени и 8 скока. Кај гостите убедливо најрасположен беше Дикембе Диксон со 41 поен и 11 скока, додека Џуниус Провел додаде 15 поени.

 

Се вчитува...