Претседателот на Македонскиот олимписки комитет, Даниел Димевски, учествуваше на Вонредното генерално собрание на Меѓународниот комитет на Медитеранските игри (МКМИ) во Портимао, Португалија.
Најважната вест од состанокот е дека Македонија е една од 15-те земји избрани за новата Програма за развој на спортот, која е целосно финансирана од МКМИ. Оваа програма ќе се реализира веднаш во спортскиот центар во Формија, Италија.
Ова претставува огромна можност за македонските спортисти, бидејќи Македонија добива право да учествува со четири спортистки и еден тренер. Првиот олимписки спорт избран за оваа програма е мечувањето, а наскоро ќе бидат објавени и останатите индивидуални спортови.

Дополнително, најавено е одбележување на 75-годишнината од Медитеранските игри во 2026 година, како и отворање на процесот за кандидирање за домаќини на идните игри (2029, 2031, 2033 и 2034 година), за кои веќе постои голем интерес.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

