Димитар Данев: ТИТУЛАТА ми е најубавиот роденденски подарок – сега и во Европа да ги радуваме нашите фанови!

Шампионскиот пехар од ПМФЛ е во рацете на фудбалерите на Вардар. Тимот чекаше шест години за повторно да го крене трофејот, а крилниот офанзивец на „црвено-црните“ Димитар Данев само една.

Откако дојде на почетокот на оваа сезона еден од најдобрите млади фудбалери на Македонија веднаш се закити со титулата. И тоа, токму на денот на неговиот 20-ти роденден.

„Ова е исполнување на сонот, титулата ми беше најубавиот родендески подарок“, вели Данев за „ЕКИПА“ кој имаше и тоа како своја улога во шампионскиот трофеј на „вардарци“.

Не крие дека од најмала возраст сонувал да игра за Вардар и да стане првак на земјата.

Сега вели дека следи ангажманот во младата репрезентација на Македонија, а потоа и малку одмор за европските предизвици, и квалификациите за Лигата на шампионите кои ги очекуваат „црвено-црните“.

„Најубавиот роденденски подарок кој би можел да го посакам е славењето на титулата и радоста која ја донесовме на нашите навивачи. Да играм за Вардар и да бидам шампион беше мојот сон, и пресреќен сум што ми се оствари“ – вели 20-годишниот младински репрезентативец на Македонија и дополнува:

„Играв на сите натпревари со душа и срце и го давав максимумот. Благодарност до навивачите „Комитите“, до целиот стручен штаб на чело со Гоце Седлоски кој секојдневно не водеше кон титулата. Но, веќе нашите мисли се во Европа каде што не очекуваат квалификациите за Лигата на шампионите. Со напорна работа и со огромна желба, верувам дека ќе ја израдуваме нашата верна публика и цела Македонија“.

Се вчитува...