Димитриевски: Мадрид изгледа жално, градот преполн со амбиент сега е траорен…

Голманот на македонската фудбалска репрезентација, Столе Димитриевски, се уште е во Мадрид, останувајќи во домашна изолација согласно препораките на неговиот клуб Рајо Валјекано. Нашиот репрезентативец не крие дека е загрижен од забрзаниот раст на заболените и жртвите од коронавирусот во Шпанија, во интервју за „ТВ 24“ говорејќи за случувањата во шпанската престолнина.

„Јас сум во Мадрид, сите велат дека е жално да се видат вакви слики од метрополата. Ова е град со амбиент, со случувања, со натпревари од сите спортови. Сепак, тоа е тоа… ова е борба на сите нас против вирусот, мораме да ги почитуваме правилата што ни се даваат. Мадрид е еден од најпогодените градови досега, така што е голем проблем. Со разум, со седење дома и со следење на сите упати што ни се даваат од болниците и од институциите, ќе придонесеме сето ова да заврши што побрзо“, вели Димитриевски за ТВ 24.

Тој смета дека властите предолго тактизирале, било оставено да се одржуваат спортски настани пред публика, што придонело вирусот експресно да се рашири.

„Бројките се големи и од ден на ден се повеќе се зголемуваат. Се најавува дека следната недела бројките на заболени ќе достигнат „плафон“, а потоа ќе следи намалување… Се задоцни со првичните мерки, пред се со прекинот на фудбалското првенство. Го гледав мечот меѓу Валенсија и Аталанта, се играше пред празни трибини, но пред стадионот имаше илјадници навивачи. Кога стана сериозно дојде до прекин на сите спортски настани, но мое мислење, воедно и мислење на мнозинството овде, е дека тоа беше задоцнета одлука. Сега мерките се навистина ригорозни, можеме да излеземе само до маркет, но сметам дека тоа е вистински начин за борба против овој вирус“, порачува чуварот на мрежата на македонскиот национален тим.

Се вчитува...