Димитриевски веќе ги договорил личните услови за трансфер, но Рајо не го пушта во Ал Наср!?

Македонскиот репрезентативен голман Столе Димитриевски не е во конкуренција и за следниот натпревар на Рајо Валјекано објави тренерот Андони Ирајола. Од клубот упорно информираат дека причина за тоа се проблеми со бутниот мускул, поради кои наводно не играше и на минатиот меч со Бетис, но сосема е јасно дека Димитриевски не е во комбинација за настап поради тоа што е во очекување на трансфер.

Токму потврда дека Димитриевски е пред заминување од Рајо Валјекано е и последната објава на италијанскиот новинар Руди Галети, кој тврди дека Димитриевски веќе е договорен со саудиски Ал Наср, но пречка за неговиот трансфер е Рајо Валјекано кој сака повисока отштета.

Ал Наср, според претходните информации, нуди 3,5 милиони евра за Димитриевски, но тимот од Мадрид тоа го одбива затоа што во клубот веруваат дека може да добијат многу поголема отштета за услугите на македонскиот голман кој е еден од најдобрите во Европа во изминатава полусезона.

Не е тајна дека интерес за услугите на Димитриевски има и од Барселона. Шпанските медиуми претходно објавија дека каталонскиот тим би го ангажирал Димитриевски доколку се заврши со продажбата на Нето во овој зимски преоден рок.

Се вчитува...