Димитријевиќ и Хувентуд добро почнаа, па настрадаа од Уникаха

Хувентуд го претрпе и вториот пораз на завршниот турнир од АЦБ-лигата во Валенсија откако тимот на нашиот Ненад Димитријевиќ загуби од Уникаха со резултат 89-98 Денешниот неуспех значи и речиси целосно губење на шансите за место во полуфиналето, со оглед на фактот дека пласман во следната рунда обезбедуваат двете најдобри екипи од секоја група.

Димитријевиќ и соиграчите имаат за што да жалат, особено ако се земе во предвид нивното извонредно издание во првата четвртина. Македонскиот плејмејкер почна маестрално, во првите седум минути имаше девет поени и две асистенции, а неговиот тим обезбеди двоцифрена предност. Сепак, како што одминуваше времето, така Уникаха се враќаше во ритам, па тимот од Малага благодарение на одличната втора четвртина (16-26) на одмор замина со предност од 46-49.

Хувентуд парираше до последната четвртина, кога Уникаха стигна до двоцифрена позитива и на крајот заслужено славеше со конечни 98-89, со торјката на Димитријевиќ со звукот на сирената.

Македонскиот репрезентативец одигра 26 минути, период во која реализираше 16 поени, надополнети со 3 аситенции и еден скок. Препелич со 25 поени беше најефикасен кај Хувентуд, а најдобар поединец на мечот беше Бутеј од Уникаха со 28 постигнати поени.

Во следното коло тимот на Димитријевиќ ќе се сретне со Тенерифе, меч што е на програмата во вторник со почеток во 21.30 часот.

Се вчитува...