Димитријевиќ и Хувентуд настрадаа дома од Бургос

Ненад Димитријевиќ и Хувентуд го претрпеа најубедливиот домашен пораз сезонава откако беа декласирани во Бадалона од составот на Бургос со резултат 75-95. Пресудно се покажа второто полувреме што тимот на нашиот репрезентативец го одигра катастрофално, откако во втората четвртина незгодна повреда заработи шпанскиот репрезентативец Пау Рибас.

Хувентуд на полувреме имаше водство од 41-37, но уште на самиот почеток од третата четвртина гостите влегоа во извонреден шутерски ритам, за кој тренерот Дуран не најде лек до самиот крај на мечот. Димитријевиќ влезе во игра откако гостите поведоа со „плус осум“, реализираше неколку напади во серија, но се беше попусто кога на спротивната страна Бургос продолжи да го полни кошот на домаќините (31 поен за една четвртина). Гостинскиот состав потоа ја стартуваше и последната четвртина со серија од 0-7, решавајќи го прашањето на победникот.

Македонскиот плејмејкер мина на теренот 17 минути, период во кој реализираше 10 поени, надополнети со два скока и две асистенции. Тој беше трет стрелец на Хувентуд, зад Вентура со 13 и Басас со 11 поени.

Се вчитува...