Димитријевиќ ја освои Андора, нов пораз на Војдан

Ненад Димитријевиќ е најзаслужен за одличната игра и победата на Хувентуд на тешкото гостување против Андора (87-89). Токму македонскиот ас беше човек на одлука во клучните моменти, преземајќи ја одговорноста кога противникот од „минус девет“ дојде на само два поени разлика. Македонскиот репрезентативец најпрвин реализираше „два плус еден“, а потоа во следниот напад извонредно асистираше за лесно забивање на Томиќ.

Димитријевиќ го заврши натпреварот со 12 поени, 7 асистенции, три скокови и две украдени топки, потврдувајќи ја одличната форма во која се наоѓа на стартот од новата сезона.

Војдан Стојановски со Данкерк претрпе уште еден пораз во францускиот шампионат, губејќи со 69-64 на гостувањето против Ле Ман. Гостите имаат за што да жалат бидејќи во последната минута се влезе со израмнети 64-64, за Ле Ман со серија од 5-0 во самата завршница да стигне до победата.

Македонскиот капитен немаше свој ден, одигра неполни осум минути, период во кој не се запиша меѓу стрелците (0/2 од поле, еден скок и една украдена топка).

Се вчитува...