Димитријевиќ ја отвори душата: Лажеа за мене и се уште лажат – не сум казнет од ФИБА

Ненад Димитријевиќ беше жешка тема во мак-баскетот во вториот дел од 2018 година, откако најдобриот млад кошаркар беше пријавен од страна на федерацијата и селекторот Василев поради наводно одбивање да настапи на Европското Првенство за играчи до 20 години што се одржа во Бугарија. Често критикуван од страна на раководството на МКФ, Димитријевиќ долго молчеше, меѓу другото и од правни причини, поради советите од челниците на Хувентуд.

Големиот талент конечно доби зелено светло да ја каже својата страна од приказната… и да открие дека наспроти информациите од МКФ дека е казнет со десет дена неиграње за Хувентуд, тој не добил никаква суспензија од страна на ФИБА.

„Јас од самиот почеток ја кажав вистината, потоа луѓето од МКФ се обидоа да ја извртат. Сите изјави што беа поднесени во врска со случајот се лага. Поради неколку повреди и лични причини не бев во ситуација да играм на последното ЕП за кошаркари до 20 години. Се надевав на разбирање и поддршка, но наместо тоа прочитав бројни лаги за мене, направија дека јас сум „лошиот“. Лагите продолжија, па се пофалија и дека издејствувале минимална казна. Вистината е една – ниту јас, ниту мојот клуб не сме добиле информација за суспензија, затоа и редовно тренирам и играм на сите натпревари. Тоа не треба да е никакво изненадување бидејќи јас навистина не сторив ништо погрешно во целата ситуација“ – истакнува Димитријевиќ.

Одличниот плејмејкер се уште е разочаран од односот на највисокото раководство на МКФ.

„Јас од 12-годишна возраст играм за Македонија, на секое ЕП, на секој турнир. По напорна сезона во Шпанија, сам се враќав во Скопје и секое лето го минував со репрезентациите наместо да минувам време со семејството или со најдобрите другари со кои не се гледав низ годината. Единствената причина беше што секогаш сум сакал да играм за Македонија, за сега да се најдат луѓе што ќе го тврдат спротивното. Нормално е да бидам разочаран, би бил дволичен ако кажам дека после она што го сторија, јас имам желба повторно да играм за репрезентацијата што е под нивно раководство“ – вели Ненад Димитријевиќ.

Тој беше повикуван од страна на селекторот Давитков на почетокот од претходниот квалификациски циклус, но не добиваше преголема минутажа.

„Во врска со селекторот, мое мислење е дека не милува млади играчи, но јас како кошаркар го почитувам тој негов избор. Она што ме загрижува е што третманот на младите претставува генерален проблем за целата македонска кошарка“ – потенцира кошаркарот на Хувентуд.

Димитријевиќ е задоволен од текот на настаните кога станува збор за клупската кошарка, сезонава тој добива поголема минутажа, па и покажува многу подобри игри во дресот на Хувентуд.

„Најважно за мене е што победуваме и што изборивме пласман на завршниот турнир од Кралскиот Куп на Шпанија. Ја делам минутажата со Нико Лапровитола, кој е еден од најдобрите плејмејкери во АЦБ-лигата, задоволен сум од шансата што ја имам бидејќи имам минутажа и на позицијата „два“, што ми овозможува да минам повеќе време на теренот“ – вели Димитријевиќ.

Се вчитува...