Димитријевиќ оди на позајмица – дилемата е Билбао или Сарагоса

Комплетирањето на трансферот на Ненад Димитријевиќ од Хувентуд во Валенсија е само прашање на ден, но шпанскиот евролигаш нема намера да го задржи македонскиот плејмејкер во тимот за сезоната 2020/21. Иако како опција се споменуваше враќање назад во Хувентуд, таа варијанта повеќе не е во игра, па сега Валенсија преговара со Сарагоса и со Билбао, како клубови кои се најзагреани за да го доведат македонскиот репрезентативец во своите редови.

„Ненад Димитријевиќ е плејмејкер што брзо напредува, но се уште му недостигаат многу работи за да доминира во рекетот. Тој е многу талентиран и со право е интересен за Валенсија, но и за многу други тимови од Ендеса-лигата“, изјави неодамна тренерот на Валенсија, Хауме Понсарнау.

Овој евролигаш летово се засили со Хермансон од Алба на плејмејкерската позиција, по што стана јасно дека на Димитријевиќ се гледа како на играч за иднината, а не некој што веднаш би добил шанса во дресот на Валенсија. Дека овој клуб со огромен респект гледа на Димитријевиќ најдобар доказ е фактот дека ќе му плати на Хувентуд 300.000 евра за да го откупи Македонецот на една година пред истекот на договорот.

За очекување е во следните денови да се комплетира трансферот на Димитријевиќ во Валенсија, по што овој клуб ќе обелодени и каде ќе го испрати нашиот репрезентативец на позајмица за новата сезона.

Ваквиот развој на настаните е добра вест и за нашиот национален тим, бидејќи доколку Димитријевиќ не игра во Евролигата, тој ќе биде достапен за да помогне на репрезентацијата во продолжението од квалификациите за Евробаскет 2021.

Се вчитува...