Македонската кошаркарска репрезентација вечерва од 19 часот во СРЦ „Кале“ во Скопје против селекцијата на Естонија ги почнува квалификациите за Евробаскетот 2025.
Македонија е во група уште со Литванија и со Полска, па без сомнение желбата на македонските репрезентативци е со позитивно издание да се почне против Естонците како мотив за се што следи потоа низ квалификацискиот циклус.
„Добро ја познаваме Естонија, исклучително квалитетна селекција со комплетен состав од евролигашки кошаркари. Но, мислам дека сме максимално подготвени за овој натпревар. Не сакаме многу притисок да ставаме на овој меч затоа што имаме уште пет меча после него, но свесни сме дека мора да го заштитиме домашниот терен и секако ќе се обидеме да дојдеме до победата“ – вели најдобриот македонски кошаркар Ненад Димитријевиќ пред денешниот натпревар.
Македонската јавност постојано очекува кошарката да се врати на некои стари патеки. Дали тие очекувања се мотив или притисок пред настапите на националниот тим?
„Мора да бидеме реални и да кажеме дека живееме малку со некои нереални очекувања. Ние сме една друга генерација во едно друго време и мора малку да бидеме реални кога се во прашање амбициите и реалните очекувања од оваа генерација. Затоа навивачите мора да дадат искрена поддршка без надреални очекувања, и ние тоа да го почувствуваме како вистинска поддршка за да дојдат и резултатите“ – истакнува Димитријевиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА