Најдобриот македонски кошаркар Ненад Димитријевиќ повеќе не е член на Зенит откако денеска и официјално го раскина договорот со рускиот клуб.
Димитријевиќ пристигна минатото лето во Зенит, но неколку месеци подоцна тој ги промени клупските бои, замина на позајмица и го облече дресот на Баерн Минхен, повторно настапувајќи во Евролигата. Македонецот по завршувањето на позајмицата требаше да се врати назад во Русија бидејќи имаше уште една година од договорот со Зенит, но клубот од Санкт Петербург објави дека соработката со нашиот плејмејкер е предвреме прекината.
„Зенит ја прекина соработката со Нено Димитријевиќ. Согласно договорот, клубот ќе добие парична компензација. Димитријевиќ настапи на 10 средби во ВТБ-лигата со просек од 11,5 поени и 5,7 асистенции по натпревар“, објави Зенит.
Арис останува лидер во трката по македонскиот интернационалец, во кого новиот тренер Василис Спанулис гледа предводник на тимот за наредните неколку сезони.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
