Димитријевиќ во „финалето“ за најдобар млад играч во Шпанија

Македонскиот репрезентативец Ненад Димитријевиќ се најде на скратениот список од 12 кошаркари кои конкурираат за наградата за најдобар млад играч во Ендеса-лигата. Нашиот интернационалец сезонава доби посериозна минутажа од тренерот на Хувентуд и максимално ја оправда довербата, прикажувајќи одлични игри за тимот од Бадалона.

Тој е еден од тројцата кошаркари на Хувентуд кои се најдоа во овој финален избор, заедно со Пара и со Жагарс. Во конкуренција се и суперталентите на Реал Мадрид и на Барселона, Усман Гаруба и Леандро Болмано, како и ланскиот добитник на наградата, Карлос Алкосен од Сарагоса.

Гласањето ќе се врши до 24 јуни, кога ќе биде познато името на новиот лауреат, како и на членовите на најдобрата петорка млади кошаркари во Ендеса-лигата.

Во меѓувреме, Димитријевиќ ќе настапи за Хувентуд на завршниот турнир од шпанскиот шампионат што ќе се одржи во Валенсија. Тимот од Бадалона се наоѓа во група со Барселона, Тенерифе, Уникаха, Билбао и Басконија, а во првото коло на 17 јуни ќе се сретне со „големата“ Барса.

Се вчитува...