Димитриоски: Против Вардар нема место за грешки

Односот на силите во последните неколку години се помести, но дуелот меѓу Вардар и Металург се уште е со предзнак – дерби. Утре во СЦ „Борис Трајковски“ (20.15 ч.) следува нова пресметка на двата скопски ривали, во рамките на 10.коло во регионалната СЕХА лига.

Металург ја има улогата на домаќин во новата скопска пресметка, но, улогата на фаворит ја носат вардарци. „Металурзи“ сепак, најавуваат максимална борбеност и мотивација достојно да му се спротивстават на Вардар и ако им се пружи шанса, да се борат и за позитивен резултат.

Сите знаеме каква екипа е Вардар и свесни сме за нивниот квалитет. Најбитно за нас е да одиграме дициплинирано и тимски, да ги сведеме нашите грешки на минимум, ако сакаме да парираме на екипа како што е Вардар. Наша цел, како на овој така и на секој друг натпревар е да се докажуваме и да давеме се од себе од почеток до крај“ – истакнува левото крило на Металург Димитар Димитриоски.

Во првата пресметка сезонава во СЕХА, во дуелот во СЦ „Јане Сандански“, Вардар го победи Металург со 34-28.

По девет одиграни натпревари, Металург е на претпоследното место на табелата четири бода, односно со биланс од една победа, едно реми и седум порази. Вардар е втор со седум победи и два порази и со вкупно 21 бод исто колку што има и Татран Прешов на првата позиција со натпревар повеќе. Со идентичен скор како Вардар по првите девет натпревари се двата хрватски претставници, ППД Загреб и Нексе на третото и на четвртото место на табелата.

Се вчитува...