Динамо Загреб и без помошта на повредениот Аријан Адеми успеа да триумфира на гостувањето против Омонија со 0-1 и со две победи над кипарскиот првак да се пласира во наредната рунда од квалификациите за Лигата на Шампионите. „Модрите“ имаа предност од два гола од првиот меч, а одбраната чиј дел беше и Стефан Ристовски функционираше беспрекорно на пеколната температура на Кипар (над 38 степени целзиусови). Печат на пласманот во следната рунда стави младиот Менало, кој влезе во игра во второто полувреме и го постигна победничкиот гол на асистенција на Мишиќ.
Пласман во следната фаза од квалификациите обезбеди и Легија, по втората победа во двомечот со Флора Талин. Полјаците славеа со минимални 0-1 на гостувањето во Естонија благодарение на голот на Лопез во 67. минута. Tокму Легија ќе биде следен ривал на Динамо Загреб во квалификациите за ЛШ.
Малме излезе како победник од скандинавскиот двомеч со Хелсинки, откако по триумфот од 2-1 на домашен терен, шведскиот првак ремизираше 2-2 на гостувањето во Финска.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА