Динамо поведе, но доживеа пораз за елиминација, Аталанта го грабна осминафиналето на ЛШ

Динамо Загреб поведе, но потоа убедливо загуби од англискиот првак Манчестер Сити на „Максимир“ со 1-4 и доживеа елиминација од Лигата на шампионите. „Модрите“ беа блиску до пласман и во нокаут фазата, но им беше потребен триумф против „граѓаните“. Шансата ја грабна италијанскиот калчолигаш Аталанта кој со победа во директниот дуел на гости против Шахтјор Доњецк (0-3) на крајот го освои второто место во групата со седум бода, пред украинскиот тим со шест бода и Динамо Загреб кој на крајот заврши со пет освоени бода. Манчестер Сити како лидер во групата патува во осминафиналето со 14 бода.

Дани Олмо во десеттата минута со одличен волеј удар донесе водство за Динамо Загреб, а Манчестер Сити израмни преку контроверзен погодок што го постигна Габриел Хесус во 34.минута, во моменти кога еден домашен фудбалер лежеше повреден на тревникот. Бразилецот во вториот дел комплетираше хет – трик, а четвртиот гол беше дело на Фил Фоден во 84.минута.

Аталанта во директен дуел во Харков славеше против Шахтјор Доњецк со 0-3 и го трасираше патот во осминфиналето на елитното европско клупско натпреварување. Тимоти Кастање во 66.минута донесе водство за гостите, Додо десетина минути подоцна заработи црвен картон во домашниот тим, а Марио Пашалиќ во 80.минута го завери триумфот на Аталанта. Во судиското продолжение Робин Госенс постигна и трет погодок за италијанскиот состав.

Се вчитува...