Аријан Адеми очигледно не е во најпосакуваната форма откако се врати од Пекинг во Динамо Загреб на почетокот од новата сезона. И сето тоа сосема очекувано ако се знае за турбулентната епизода со преселбата на Далечниот Исток и брзото враќање назад.
Јасно е дека од натпревар во натпревар се повеќе се враќа, но хрватските медиуми причината за тоа зошто не може да се види Адеми на терен онака како сите го посакуваат ја бараат и во смешниот договор кој Динамо Загреб го има со кинескиот клуб.
Имено, Пекинг Гуоан при договорот за враќањето на Адеми во Динамо на позајмица успеа да изнуди клаузули според кои: Ако Адеми до 1. јануари на осум натпревари одигра повеќе од 35 минути на секоја, тогаш Динамо на кинескиот клуб ќе мора да му плати уште 500.000 евра. А, ако одигра на 15 натпревари до крајот на сезоната повеќе од 35 минути на секој, тогаш „модрите“ ќе мора да платат дополнителни 700.000 евра. Што значи, ако сето тоа се исполни, отштетата всушнот ќе биде 1,5 милиони евра, многу повеќе од оние почетни 300.000 евра.
Кинезите на тоа инсистираа за тоа се изборија, па сега очигледно е дека и тренерот на Динамо Загреб, во договор со раководството, внимава на минутажата на Адеми.
„Смешно е тоа што го прави Динамо. Кога беше одлучено Адеми да се врати на Максимир, беше тоа за да се засили тимот. И кога веќе пристигна тогаш апсолутно непотребно и неприфатливо е калкулирање со неговата минутажа. Вистина, не е тоа мала сума, но клуб како Динамо не може да влегува во такви трансфери калкулирајќи колку и како ќе игра фудбалерот кој се носи како засилување затоа што е непоходен. Адеми е вратен за да биде еден од клучните играчи, а не да биде калкулантска фигура. Мора да игра онолку колку тренерот замислил и му е неопходен“ – пишува „Спортске новости“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА