Динамо стравува, треба ли и Македонија? Адеми се повреди

Само 10 минути помина на теренот Аријан Адеми на вчерашниот натпревар на Динамо Загреб против Локомотива, кој заврши без голови. Адеми при влегувањето доби овации од публиката, но на теренот не мина долго. Се судри со свој соиграч, го повреди квадрицепсот, и тоа значеше крај.

Динамо веќе стравува дека Адеми е загубен за реваншот со Севилја во Лигата на Европа. И натаму не е познато колку ќе паузира капитенот на „модрите“, но сигурно ќе мора некој ден во „аут“.

Оваа повреда секако не го остава мирен ниту селекторот на македонскиот национален тим, Благоја Милевски. До мечот со Италија има уште еден месец, и евентуално отсуство на Адеми би значело дополнителен удар за средниот ред на Македонија, со оглед дека веќе се загубени Костадинов и Елмас поради картони.

Денешните дополнителни лекарски прегледи треба да покажат за тежината на повредата на играчот од средниот ред кој е еден од „моторите“ на Динамо, и без него ќе биде многу тешко во обидот Динамо да анулира два негатива против Севилја.

Се вчитува...