Дисингер на излезна врата од Вардар, богата понуда од Португалија

Тимур Дибиров во интервју за руските медиуми обелодени дека финансиската криза на Вардар е уште подлабока од лани, најавувајќи дека голем дел од ракометарите од сегашниот ростер на крајот од сезонава ќе си заминат од таборот на „црвено-црните“. Данил Шишкарев веќе го договори трансферот во Веспрем, а следен што ќе најде нов клуб се очекува да биде Кристијан Дисингер.

Германскиот бек пристигна од редовите на Кил и ја продолжи традицијата на незгодни повреди, поради кои не беше во можност да блесне во сиот свој сјај во црвено-црниот дрес. Сепак, по кризата во Вардар тој веќе добил неколку интересни понуди, а најбогатата барем досега пристигна од Португалија. Спортинг Лисабон е тимот што сака да го види Дисингер во своите редови, како надополнување на проектот со кој беше ангажиран екс-тренерот на Нант, Тиери Анти, како и поранешниот бек на Кил, Марко Вујин.

Португалците сакаат да го симнат Порто од тронот и подготвени се да инвестираат богато во играчкиот кадар за следната сезона, а во Дисингер гледаат како на клучно засилување. Германецот би останал во Скопје до крајот на сезонава, но тој секако е повреден и нема да може да се врати на терените најмалку до средината на април.

Се вчитува...