Дисингер: Сезонава преживеавме емоционален „ролер-костер“

Германскиот интернационалец Кристијан Дисингер о интервју за германскиот „Шпилер“ вели дека сезонава со Вардар доживеал емоционален „ролер-костер“, а посебно неочекувана била одлуката за повлекување од тимот на сопственикот Сергеј Самсоненко.

„Сезонава е емоционален ролер-костер. Повлекувањето на Самсоненко предизвика сериозни турбуленции во тимот. Сепак, успеавме некако да се опоравиме и во клучните натпревари да одиграме на потребното ниво. Во Лигата на шампионите цела сезона бевме добри. Групата ја завршивме на третата позиција, во осминафиналето бевме доминантни, а и покрај проблемите одигравме одлично против Пик Сегед и заслуживме да се квалификуваме на Ф4 турнирот. Во СЕХА лигата исто така игравме променливо, но на крајот стигнавме до трофејот“, вели Дисингер. 

27- годишниот Германец, вели дека предноста на Вардар на Ф4 турнирот во Келн е таа што влегуваат како аутсајдери.

„Ние сме аутсајдери и затоа можеме да играме без притисок. Не само што никој не очекува ништо од нас, туку многу луѓе беа изненадени од тоа што успеавме да го постигнеме сезонава. Никој не очекуваше да го преживеме четвртфиналето со Пик Сегед, но по првиот натпревар во Скопје и одличното второ полувреме во Сегедин, заслуживме да бидеме во Келн. Вистина е дека во групната фаза двапати загубивме од Барселона, но тоа сега не е важно. Еден натпревар е и се е можно“, додаде Дисингер. 

Дисингер ќе биде единствениот ракометар од Германија кој ќе настапи на Ф4 турнирот во Келн.

Се вчитува...