Дневникот на Никола Ѓоргиев од самоизолација

Капитенот на македонската одбојкарска репрезентација, Никола Ѓоргиев пред два дена си дојде во Македонија. Буквално им се провлече на експедитивните мерки за затворање граници и аеродроми. Дојде од Германија, земја високоризична по проценките на Светската здравствена организација па почитуавјќи ја препораката за самоизолација во родната Струмица времето го минува со стари фотографии, вежбање и интернет комуникација со блиските. За Екипа.мк напиша како ја доживеал одлуката за прекин на лигата во Германија поради коронавирусот, како ги минувал деновите на неизвесност до доаѓањето дома, мислите за иднината во кариерата, но и за следните репрезентативни настапи со оглед на откажувањата и одложувањата на големите спортски и одбојкарски настани. 

Во самоизолација со стари албуми …

Си дојдов, во Струмица сум, го почнав периодот на самоизолација. Се справувам одлично, единствено што побарав уште во моментот кога ја откажаа лигата и кога беше најавено дека ќе бидат затворени границите побарав местото за изолација да ми го наполнат со стари албуми од стари натпреварувања, со текстови од весници, за мене и за брат ми. Побарав и да ми обезбедат спортски реквизити, ластици, мали тегови, орбитрек со кои би можел да работам и да ги поминам деновите. Си ја пронајдов фотографијата од дебитантскиот натпревар за ОК Струмица во 2001 година. Играв малку во третиот сет во Куп натпревар против Делчево. Победивме со 3-0.

 

Одлуката за прекин беше „брза смрт“…

Беше многу специфично како настана целата ситуација, ние во четвртокот имавме два тренинга и по вечерниот тренинг имаа тренинг младите и дојдоа разочарани бидејќи им кажале дека Федерацијата ги запира нивните натпревари. Ние требаше да играме против Берлин, важен натпревар, зедовме видеа да гледаме и заминавме дома. Тогаш дојде информацијата дека и за нас лигата е завршена. Тоа беше брза смрт. Без суспендирање, без одложување. Многу брзо и прецизно не информираа. „Толку, жалиме, одбојка веќе нема да има“. Ни закажаа состанок за наредниот ден за да се договориме за деталите.

Ние бевме шокирани, несреќни, тажни  бидејќи во последните недели игравме баш добра одбојка. Не е фраза, имавме девет нови играчи и доста повреди и не можевме да го покажеме целиот потенцијал во текот на сезоната. Меѓутоа на крајот кога беше најбитно успеавме да врземе четири и 12 бода се израмнивме со Франкфурт на второто место и гледавме храбро кон плеј-офот. Сето тоа ни остави горчлив вкус во устата, затоа што работата не е завршена и нема ниту да ја завршиме.

Неизвесност за иднината…

Ова е ситуација во која никој од нас не се нашол досега. Ниту ние играчите, ниту клубовите, ниту менаџерите. Во овој момент не може ништо да се кажува за иднината. Сите само гледаа што побрзо да си одат дома. Во моментов сите велат, ова се да заврши па ќе размислуваме за следната година и за трансфер-пазарот. Сигурно ќе се најде клуб, но трансфер-пазарот ќе биде одложен.

Сакав само да си дојдам во Македонија….

Уште на состанокот веднаш по одлуката за прекин на лигата добивме информации за исплаќањето на платите за преостанатите три месеци и веднаш не прашаа кој кога сака да си замине. Јас веднаш се пријавив дека сакам да си одам што побрзо кога ќе ги завршиме сите бирократски работи. Имаа големо разбирање, веднаш резервиравме карти. Мораше се да биде брзо, имав информации дека Охридскиот аеродром се затвора и прашање на време беше кога ќе биде затворен и тој во Скопје. Го фатив буквално „последниот воз“.

Во Фридрихшафен животот си течеше нормално…

Во Германија, во Фридрихшафен беше како ништо да не се случува во светот. Тоа е мал град на езеро, беше преубаво времето, преполно со луѓе, немаше место каде да се седне. Животот во Фридрихшафен изгледаше како во светот да нема пандемија на коронавирус. За мене тоа беше изненадувачки.

Ништо од Европската златна лига оваа година, квалификациите остануваат…..

Неизвесност има и околу репрезентативните натпревари. Одложена е Европската златна лига која требаше да почне на 23 мај. Нема термини и период за кога. Ништо од оваа Лига оваа година, а квалификациите чиј почеток е на 20 август остануваат уште во предвидениот период. Се надевам дека квалификациите ќе ги играме и ќе донесеме радост со нов пласман на Европско првнество.

 

 

Се вчитува...