Добиена дозвола за 100% од капацитетот: Италија против Македонија ќе има поддршка од полн „Ренцо Барбера“!

Италијанското министерство за здравство даде дозвола до Италијанската фудбалска федерација за полн капацитет на „Ренцо Барбера“ во Палермо во баражот против Македонија за пласман на СП 2022 во Катар.

Министерот за здравство на Италија, Роберто Сперанца објави дека натпреварот ќе се игра пред полни трибини, со 100% од капацитетот, со што во продажба ќе бидат пуштени и преостанатите 10.000 билети.

Од Италијанската фудбалска федерација претходно побараа дуелот со Македонија да биде исклучок од актуелните рестрикции за максимум од 75% од капацитетот и на крај го добија тоа што го сакаа.

„Ништо не спречува, следејќи ја актуелната епидемиолошка состојба и исклучителната важност на мечот, да се отвори стадионот со 100% од капацитетот за мечот Италија – Македонија, важен за пласман на СП во Катар“ – истакна денеска Сперанца.

Како што е познато, Италија претходно експресно продаде 26.000 билети за мечот со Македонија, па сега се очекува дополнителни околу 10.000 да бидат пуштени во продажба во следните денови.

За македонските навивачи се издвоени 1.500 билети, од кои до денеска преку официјалната онлајн продажба преку „Вива тикет“ се продадени 200 билети за македонски навивачи. Се очекува и околу 1000 Македонци да дадат поддршка за македонската репрезентација на дуелот на 24. март во Палермо.

Се вчитува...