Добра група: Ракометарите ќе бркаат ЕП против Данска, Финска и Швајцарија

Македонската ракометна репрезентација ќе биде дел од групата 7 во квалификациите за ЕП 2022, во која избраниците на Данило Брестовац за противници ќе ги имаат селекциите на Данска, Швајцарија и Финска. Јасно е дека Данците се апсолутни фаворити за првото место во групата, но во нашиот национален тим можат да бидат задоволни од денешната ждрепка со оглед на фактот дека останатите две селекции се ривали против кои „црвено-жолтите“ ќе ја имаат фаворитската улога.

Швајцарија е ривал што Македонија умешно го совладуваше во претходните квалификации за ЕП 2014 и ЕП 2016 (четири победи на четири натпревари), додека Финска е противник со кој немаме дуели подолго време, но кој според реномето е далеку зад нашиот национален состав.

Пласман на ЕП 2022 ќе обезбедат двете најдобри селекции од секоја група, како и четирите најдобри третопласирани репрезентации, со што уште повеќе се зголемуваат нашите шанси за одржување на континуитетот од настапи на големите натпреварувања.

Новиот квалификациски циклус ќе стартува на 4 ноември, а ќе заврши на 2 мај 2021 година. Директен пласман на ЕП 2022 покрај домаќините Унгарија и Словачка обезбедија и финалистите од последниот европски шампионат, Шпанија и Хрватска.

ГРУПА 1: Франција, Србија , Белгија, Грција.

ГРУПА 2: Германија, Австрија, БиХ, Естонија.

ГРУПА 3: Чешка, Русија, Украина, Фарски Острови.

ГРУПА 4: Исланд, Португалија, Литванија, Израел.

ГРУПА 5: Словенија, Холандија, Полска, Турција.

ГРУПА 6: Норвешка, Белорусија, Летонија, Италија.

ГРУПА 7: Данска, МАКЕДОНИЈА, Швајцарија, Финска.

ГРУПА 8: Шведска, Црна Гора, Романија, Косово.

Се вчитува...