Добра вест: Костески е ОК по „војната“ со Кувајт

Повредата што Ненад Костески ја заработи во првото полувреме од вториот меч со Кувајт не е од посериозен карактер, па крилниот ракометар ќе може да му помогне на националниот тим и на „Трофеј Карпати“. Стручниот штаб на нашата репрезентација стравуваше од посериозни последици по серијата груби стартови на ракометарите на Кувајт на вчерашниот дуел со Македонија.

Сепак, порталот g-sport информира дека лекарските прегледи покажале дека станува збор само за незгоден удар, па не се очекува младиот ракометар на Загреб да отсуствува. Напротив, тој би требало да се појави во тимот веќе на утрешниот натпревар со Алжир во рамките од „Трофеј Карпати“. За очекување е на истиот натпревар во репрезентацијата да се најде и Мартин Поповски, десното крило на Пролет, кој поради ситна повреда не настапи на двете средби со Кувајт.

Нашите ракометари по дуелот со Алжир, во зависност од конечниот исход, на 29 декември ќе се сретнат со победникот или поразениот од вториот меч Холандија – Романија, по што на 30 декември ќе се вратат назад во Македонија. Потоа ќе следи пауза до 2 јануари, кога репрезентацијата предводена од најискусните играчи, заедно со дел од оние кои играа во Србија и во Романија, ќе отпатува на финалната фаза од подготовките во Словенија.

Се вчитува...