Добра вест од Лисабон за Стефан Ристовски

Стефан Ристовски е чекор поблизу до статусот на стандарден првотимец во Спортинг Лисабон за наредната сезона откако раководството на португалскиот гигант реши да го продаде Кристијано Пичини, кој редовно добиваше шанса пред Македонецот во поголемиот дел од ланскиот шампионат.

Пичини ќе го продолжи егзодусот на првотимци од Лисабон откако Валенсија испрати понуда од 10 милиони евра за неговите услуги, што челниците на Спортинг решија да ја прифатат. Тој во текот на викендов треба да ги компплетира лекарските прегледи, по што следната седмица и официјално ќе биде претставен на „Месталја“. За Спортинг ова е добра заработка ако се знае дека истиот фудбалер минатото лето дојде во Лисабон за три милиони евра, а сега си заминува за повеќе од тројно повисока сума.

Португалскиот тим во меѓувреме го доведе Бруно Гашпар како резервна опција на десен бек, но тешко е за верување дека овој играч ќе добие шанса пред Ристовски со оглед на фактот дека во изминатите три сезони во дресот на Фиорентина одиграл вкупно 17 натпревари.

Се вчитува...