Добра вест за Елмас: Гарсија е пред отказ во Наполи?!

Наполи игра многу слабо на стартот од новата сезона, а претседателот Аурелио де Лаурентис не е познат како газда кој покажува преголемо трпение кон тренерите. Затоа, како што пишува влијателниот весник „Газета дело спорт“, Руди Гарсија се соочува со огромен притисок, да најде излезз од кризата или експресно да ја заврши авантурата како шеф на стручниот штаб на актуелниот првак на Италија.

Французинот се покажува како сосема погрешно решение за наследник на Спалети, тимот ја загуби препознатливоста што ја имаше под водство на стариот тренер. Проблем повеќе е што Гарсија влезе во конфликт со главните играчи, имаше караница со Осимен во финишот од последниот дуел со Болоња, додека во своите тактички замисли никако не успева да го извади максимумот од Кварацкелија, кој лани беше најдобар фудбалер во Серија А.

Со тоа се намалува значително и вредноста на двете најголеми „ѕвезди“ на тимот, нешто што дополнително го загрижува Де Лаурентис. Тренерот има два меча за да ја сврти ситуацијата во своја полза, а доколку се случи Наполи да продолжи со слаби игри и резултати, Газета најавува тренерска смена веќе на почетокот од месец октомври. Де Лаурентис во јавноста му искажува поддршка на Гарсија, но медиумите потсетуваат дека истото беше случај и со Карло Анчелоти, но првиот човек на Наполи не покажа милост давајќи му отказ на трофејниот стручњак, потоа на негово место носејќи го Џенаро Гатузо.

Заминувањето на Гарсија би било добра вест и за Елиф Елмас, ако се знае дека новиот тренер не смета сериозно на најдобриот македонски фудбалер, кој имаше далеку позначајна улога во тимот додека Спалети беше на чело на „наполитанците“.

Се вчитува...