Одбраната на Јувентус ќе добие на цврстина и на квалитет за претстојното дерби со Милан откако беше обелоденето дека Џорџо Кјелини ги надминал проблемите со повредата и ќе се појави во тимот на „старата дама“ за големото дерби што ќе се игра викендов. Ова на денешната прес-конференција го соопшти тренерот Масимилијано Алегри, кој најави дека во тимот ќе го нема Алекс Сандро, но затоа откри и добра вест за Бернардески.
„Кјелини е добар, сигурно ќе игра утре. Квадрадо ќе биде достапен за настап, ќе почне од клупата за резерви. Алекс Сандро се здоби со удар и ќе мора да видиме колку долго ќе отсуствува, а ме радува што Бернардески не мора да оди на операција, па од следната седмица ќе почне да тренира со нас. Сите говорат за нашето дерби со Наполи пред самиот крај на сезоната, но ние мораме да останеме максимално фокусирани на сите натпревари до тоа дерби, почнувајќи од саботниот дуел со Милан“ – порача Алегри.
Тој имаше порака и до Даглас Коста, кој ќе мора да ја подобри реализацијата на шансите што ги создава.
„Даглас Коста поседува квалитети во офанзива како ретко кој фудбалер во светот. Сепак, кога ќе дојде пред голот на противникот мора да има многу поголема самодоверба“ – истакна тренерот на „старата дама“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА