Добро е, барем дојде крај – МЗТ со убедлив пораз се прости од АБА

Кошаркарите на МЗТ Скопје во последното 22. коло го претрпеа и својот 19. пораз во АБА-лигата, овојпат на гостувањето во Бар против Морнар со убедливи 106-75. Како и многу пати досега во текот на сезонава, очајната игра во одбраната беше главниот проблем на македонскиот првак, кој натпреварот го загуби со слабо издание во првата четвртина. Без Крофорд и Нешовиќ (немаат право за настап во АБА, ако и без Бојан Трајковски), „сино-белите“ немаа никакви шанси против најпријатното изненадување во лигата, кое обезбеди полуфинале во плејофот.

Ѓорѓи Кочов го имаше своето тренерско деби во АБА-лигата, заземајќи го местото на Жељко Лукајиќ, кој поради семејни причини не можеше да го води македонскиот првак во Бар. Сепак, ниту Кочов не успеа да најде лек за бројните проблеми во одбраната, што домашните кошаркари безмилосно ги користеа во текот на првите десет минути. Помалку од пет минути му беа доволни на црногорскиот состав за првпат да поведе со двоцифрена разлика (14-4), по што Морнар продолжи да доминира и ја доби првата четвртина со 29-13.

МЗТ Скопје одигра на ниво само во вториот дел од втората четвртина, кога профункционира и шутот од далечина и офанзивниот скок, па „металците“ набрзина ја преполовија предноста на Морнар и на одмор заминаа со едноцифрена негатива (50-41). Сепак, Црногорците во второто полувреме повторно целосно ја презедоа контролата, пред крајот на третиот период се вратија на „плус дваесет“, а потоа со фуриозниот почеток на четвртата четвртина Морнар дојде и до 30 поени разлика (89-58, 32. минута). Остатокот од мечот беше рутина за домашниот тим, кој продолжи да го пплни кошот на МЗТ Скопје, завршувајќи го мечот со 106  постигнати поени (106-75).

Марко Симоновски со 27 поени беше прв стрелец на МЗТ Скопје, Јуре Лалиќ постигна 22 поени и 11 скоковии, а Дамјан Стојановски реализираше 10 поени, но со слаб шут од поле (4/15).

Со скор од три победи и деветнаесет порази „металците“ се убедливо последни на табелата по завршувањето на регуларниот дел од сезоната во АБА-лигата. Ваквиот пласман треба да значи преселба во втората лига, но македонскиот првак се надева дека ќе дојде до најавеното проширување на лигата, со што аеродромци и натаму би останале дел од елитното кошаркарско друштво во регионот.

Се вчитува...