Добро утро, финалисти: Три причини за саботното чудо на Вардар

Времето за славје и воодушевување по фантастичниот камбек над Барселона измина, денеска сите во Келн се насочени кон големото финале.

Може ли Вардар повторно да се искачи на тронот на Европа – е најчесто поставуваното прашање? Секако дека може, екипа со карактер како „вардарци“ одамна се нема појавено во врвниот ракомет, а пехар во ЛШ ќе биде најдобар можен крај на оваа бајка.

Без оглед како ќе заврши финалето, камбекот на „вардарци“ во вчерашната полуфинална пресметка ќе влезе во историјата како еден од најголемите во Лигата на шампионите, рамо до рамо со оној на Кјелце во финалето против Веспрем од пред три сезони. Причини за саботното чудо на Вардар има многу, ние ќе издвоиме само три…

ПОБЕДНИЧКИ МЕНТАЛИТЕТ БЕЗ ГРАНИЦИ

Отпишани од сите, при „минус седум“ од големата Барселона, а „црвено-црните“ повторно најдоа начин да се вратат. Прво профункционира одбраната, се разбудија и играчите во нападот, но најважен од се беше победничкиот менталитет што го краси македонскиот првак во текот на целата сезона. Не престанааа да веруваат ниту кога беа отпишани буквално од сите, но тоа е Вардар – најдобар кога е најтешко.

ДЕЈАН МИЛОСАВЉЕВ

Српскиот голман бранеше извонредно во текот на целото полуфинале, а само благодарение на неговите бравурозни интервенции разликата во првиот дел не беше двоцифрена. Милосављев продолжи извонредно и во вториот дел, ги излуде каталонците, кои кон крајот веќе немаа ниту храброст ниту сала за да го загрозат неговиот гол.

ДАИНИС КРИШТОПАНС

Летонскиот „џин“ уште еднаш покажа колку е значаен за играта на Вардар, бидејќи кога тој ќе влезе во ритам – функционира целиот напад на „црвено-црните“.Во првиот дел беше изненаден од агресивната одбрана, па имаше и промашени шутеви и загубени топки. Затоа Криштопанс одигра второ полувреме за паметење, го заврши полуфиналето со десет погодоци и заслужено беше избран за МВП на натпреварот.

 

Денеска е нов ден, ден за финале. Нека биде победничко, па утрешниот да почне со „Добро утро, шампиони“.

Се вчитува...