Договорено: Асенсио доаѓа во Париз на потпис со ПСЖ

Марко Асенсио ќе биде првото засилување на ПСЖ за наредната натпреварувачка сезона во која „светците“ најавуваат дека ќе свртат нов лист ослободувајќи се од дел од скапо платените „ѕвезди“. Меси и Рамос веќе си заминаа, се очекува истото да го стори и Нејмар, а во ремонтот на напаѓачкото трио како освежување за навалната линија е ангажиран токму Асенсио.

Шпанскиот репрезентативец во последните две години не беше стандарден првотимец во Реал Мадрид, што беше причина Асенсио воопшто да не преговара за нов договор, туку летово како слободен играч да си замине од „Сантијаго Бернабеу“. Тој беше во потрага по нов предизвик во кариерата, за неговите услуги се интересираа неколку клубови од Премиер-лигата, но ниту еден не можеше да му ја исполни желбата – повторно да се натпреварува во Лигата на Шампионите.

По вчерашното збогување со „кралевите“, Асенсио денеска и официјално ќе допатува во Париз, каде по деталните лекарски прегледи ќе го потпише договорот со ПСЖ, со важност до 2027 година.

По Асенсио, се очекува ПСЖ да го комплетира и трансферот на Милан Шкринијар, дефанзивецот на Интер кој како слободен играч ќе пристигне на „Паркот на принцовите“. Тој трансфер ќе биде официјализиран по финалето на Лигата на Шампионите, закажано за 10 јуни во Истанбул.

Се вчитува...