Договорено: Кавани три сезони во Атлетико Мадрид

Единсон Кавани си заминува од ПСЖ и кариерата ќе ја продолжи во дресот на Атлетико Мадрид. Уругваецот ги договори сите детали за соработка со мадридскиот клуб, со кого ќе потпише договор за тригодишна соработка, а единствената дилема е дали трансферот ќе се реализира во јануари, или пак на крајот од сезоната.

Кавани има договор со ПСЖ до јуни 2020 година, кога може како слободен играч да си замине од „Паркот на принцовите“. „Светците“ веќе ставија до знаење дека немаат намера да ја продолжат соработката, а кога Кавани веќе не е стандарден првотимец, францускиот клуб сега ќе се обиде да заработи нешто на неговото заминување. На Диего Симеоне му е очајно потребно освежување во нападот, па Аргентинецот ќе инсистира Кавани да му биде донесен веќе во јануари, во трансфер што не би требало да ја надмине сумата од 20 милиони евра.

Единсон Кавани е член на ПСЖ уште од 2013 година, кога пристигна од таборот на Наполи за сума од 64 милиони евра. Тој во текот на ланската сезона имаше конфликт со Нејмар, во последните месеци го загуби првотимскиот статус од Икарди, па се чини дека во најдобар интерес на сите е Уругваецот веќе во јануари да ги промени клупските бои.

Се вчитува...