Договорено: Лозано доаѓа кај Елмас во Наполи, следен е Љоренте

Мексиканскиот репрезентативец Ирвинг Лозано ќе биде нов соиграч на  Елиф Елмас во Наполи, откако конечно беа договорени сите детали од трансферот на брзоногиот офанзивец. „Наполитанците“ ќе ја платат сумата од 42 милиони евра за раскин на неговиот договор со ПСВ Ајндховен, но проблем во преговорите досега беа имиџ-правата кои фудбалерот инсистираше да ги задржи во своја сопственост.

„Наполитанците“ во текот на вчерашниот ден имаа успешни преговори со агентот Мино Раиола, при што беше најден заеднички јазик и за оваа тема, со што е отстранета и последната пречка за доаѓањето на Лозано во Неапол.

Тренерот Карло Анчелоти е во потрага по нов напаѓач, а на трофејниот стратег веќе му стана јасно дека шансите за ангажман на Мауро Икарди се само теоретски. „План Б“ за Наполи е Фернандо Љоренте, искусниот напаѓач кој е слободен по истекот на договорот со Тотенхем, па може без никаква отштета да му се приклучи на италијанскиот вицепрвак.

Се вчитува...