Доктор Чеде и турските пациенти

Вардар слави историја, а таа немаше да се случи доколку „црвено-црните“ на својата клупа го немаа Чеде Јаневски. Човекот што е играчка легенда на „вардаровото семејство“ сега испиша златни страници и како тренер, елиминирајќи го големиот Фенербахче со два фантастични натпревари, само неколку дена по доаѓањето на клупата на најголемиот македонски фудбалски бренд.

Јаневски немаше доволно време за првиот натпревар, но затоа фантастично го постави тимот тактички за денешниот реванш. Впрочем, вклучувањето на Џигаури во стартниот тим е најдобар доказ за генијалноста на екс-селекторот на Македонија, откако токму овој играч стана човек на одлука со клучниот гол во Истанбул.

Свесни за слабостите во креација на домаќините, „црвено-црните“ одлично го удвојуваа Валбуена, кој беше единствениот расположен играч кај Фенер. На спротивната страна, бавноста на дефанзивците беше искористена максимално, среќата не му беше наклонета на Барсегјан, но затоа Глигоров стави точка за кога веќе се испишува историја, да се испише со стил – со триумф среде Истанбул.

А со „доктор Чеде“ на клупата – јасно е дека ќе се носиме со секој противник и во претстојните шест средби од групната фаза во Лигата на Европа.

Се вчитува...