Докузовски: Добро е за репрезентацијата што Македонците ќе бидат ‘главни’ во Првата лига

Работнички сега ги почнува вистинските подоготвки за претстојната сезона, откако во тимот се вратија четворицата репрезентативци кои во претквалификациите ги бранеа боите на националниот тим, вели предводникот на актуелниот кошаркарски шампион на Македонија, Марин Докузовски. Неговиот тим веќе имаше два подготвителни фази во Скопје и во Охрид, а сега во комплетен состав ќе фаќа ритам за одбраната на титулата.

„Секогаш е потешко да се одбрани отколу да се освои титулата. Но, амбициите на Работнички се секогаш исти. Да биде на врвот“ – вели Докузовски.

Екипата од „Градски парк“ во оваа сезона ќе биде составена од македонски играчи со единствениот странец, Чавдар Костов, кој во минатата сезона беше меѓу клучните за освојувањето на титулата.

„Добро е што е воведено правилото за повеќе македонски играчи и лимитирањето на бројот на странци. Можеби е потешко за формирање на екипите, но е добро за репрезентацијата“ – смета поранешниот селектор кој Македонија, ја предводеше до четвртото место на Европското првенство во Литванија во 2011 година.

Конкурнцијата оваа сезона ќе биде силна. Според него, во долгото првенство сепак најважна ќе биде формата во завршницата.

„Во периодот пред почетокот на сезоната најмногу се издвојува МЗТ Скопје Аеродром ако се земе во предвид ростерот на екипата, но и другите тимови се конкурентни. Сериозни екипи имаат и Гостивар, Блокотехна. Јасно е дека ова ќе биде интересно првенство“ – смета тренерот на Работнички.

Пред стартот на новата сезона, на почетокот на октомври, Работнички ќе одигра серија контролни натпревари со екипите ривали од домашното првенство. Најтрофејниот македонски кошаркарски клуб, минатата сезона ја освои шампионската титула прекинувајќи ја повеќегодишната доминацијата на МЗТ Скопје Аеродром со тирумф во финалната серија токму против големиот ривал.

Се вчитува...