Докузовски: Го вративме пехарот каде што му е местото!

Марин Докузовски е можеби и клучната личност за враќањето на шампионската титула повторно во витрините на Работнички. По 15-ти пат тимот од „Градски парк“ стигна до трофејот, запирајќи ја шестгодишната шампионска доминација на МЗТ Скопје.

„Ако ја погледнеме целата сезона, со само два порази, тогаш навистина ова е подвиг за голем респект… Но, ако ја издвоиме само финалната серија, без разлика на убедливите 3-0, мора да искажам огромна почит за игрите на МЗТ, посебно и на овој последен натпревар. Три тешки, израмнети меча. Но, кога се ќе се собере и одземе сосема заслужено стигнавме до круната. Го вративме пехарот таму каде што му е местото!“ – истакна Докузовски по освојувањето на шампионскиот пехар.

И, уште без стивната шампионска еуфорија Докузовски потенцира дека клучните кошаркарски чинители во земјава треба да седнат на заедничка маса и да се договорат сериозно за иднината на македонската кошарка…

„Во последниот меч МЗТ влезе порастеретен, а ние со одреден грч… Но, како одминуваше времето се вративме во игра. Сега се останува зад нас и треба добро да анализираме што е најдобро за македонската кошарка за во иднина. Работнички и МЗТ како најголеми креативци на кошарката во земјава треба да седнат на заедничка маса и да се договориме. Можеби е најдобро во следните години да се потпреме сите заедно повеќе на домашните кошаркари. Ќе треба трпение, но намалувањето на бројот на странците во лигата, е можеби централно решение за повеќе да се зголеми квалитетот на домашните кошаркари. Но, за тоа секако треба сериозни анализи наредниот период“ – вели Докузовски.

Се вчитува...