Докузовски повторно селектор, Мираковски тренер на Работнички?

Марин Докузовски е подготвен за камбек на клупата на националниот тим, соработка што се очекува да биде официјализирана по конституирањето на новиот Управен Одбор при КФСМ под водство на Перо Антиќ. ЕКИПА дознава дека сите детали од соработката се начелно договорени, за „докторот“ на крајот од сезонава да го напушти кормилото на Работнички и да се посвети на работатата во репрезентацијата. Докузовски и Антиќ одлично соработуваа како селектор и капитен, беа дел од селекцијата што го оствари историскиот успех на Евробаскет во Литванија, а сега соработката ќе ја обноват како селектор и претседател на федерацијата.

Марин Докузовски имаше селекторска понуда и во периодот кога на чело на МКФ беше двоецот Петар Наумоски – Заре Марковски, но договор не беше постигнат. Овојпат ситуацијата е поинаква, a блиските односи со Антиќ (преговараа за трансфер на Перо во Работнички доколку решеше да ја продолжи кариерата) придонесоа многу брзо да има договор за соработка.

Според истите извори, Докузовски ќе ја заврши сезонава на чело на Работнички, а потоа местото во најтрофејниот клуб ќе му го отстапи на Димитар Мираковски. Одличниот плејмејкер ја игра последната сезона во професионалната кариера, некриејќи ја желбата потоа да продолжи како тренер. Тој со години му е „десна рака“ на Докузовски во тимот, а летово речиси сигурно ќе добие шанса како шеф на стручниот штаб на „центарци“.

Се вчитува...