Долговите во Вардар се влечат уште од Македа и Раул: Шпанската армада си ги бара парите

На ракометните професионалци, дури и на оние кои се дел од клубовите во Лигата на шампионите не им е овозможена истата заштита како во фудбалот и во кошарката. Ваков е заклучокот по случувањата во Вардар последните две сезони. Со ова прашање се занимава и текст на шпанскиот весник „Мундо Депортиво“ кој ја отвора темата за долговите кои Вардар ги има кон актуелните, но и кон поранешните играчи и тренери.

Клубот се уште има големи долгови кон Хорхе Македа и кон Жоан Канелјас, кон двајцата вкупно околу 125.000 евра. Размислуваат да си ги бараат по судски пат.

„Првата година си ги исполнија обврските, но од втората веќе исплаќањето почна да доцни и на крај стана како снежна топка, која само продолжува да расте. Ни велеа да не се грижиме, но секогаш доцнеа. Имавме трпение повеќе од кого било. Тоа е компликувано прашање, така што дојдовме до ситуација или да преземеме нешто или сè ќе си остане исто“ – вели Македа.

Шпанскиот репрезентативец го потенцира фактот дека ЕХФ воопшто не интервенира во ваквите случаи.

„Она што ми пречи најмногу е дека тие не ни плаќаат, а ЕХФ воопшто не се вмешува, како другите спортски федерации, на пример. Оваа пасивност на ЕХФ фрустрира малку, бидејќи страдаат играчите и другите клубови. Вардар стана европски шампион без да плати. Затоа е нашиот бес, ова ги боли играчите и ракометот генерално. Официјално, ние не сме се пожалиле до ЕХФ, бидејќи се надеваме дека ќе ни биде платено и уште им веруваме, но трпението се троши“ – потенцира Македа.

Вардар има долгови и кон двајцата тренери со кои освои шампионски титули во Лигата на шампионите, Раул Гонзалес и Роберто Гарсија Парондо. Тие имаат малку поблаг став кон Вардар и кон долгувањата кон нив.

„Веруваме на зборот на претседателот, но тој ни нема платено сè што ни должи до денес. Комплицирана е ситуацијата, ракометот, обично, ги има овие проблеми. Се случи со Вардар, се случувало и во други клубови, кои покривале дупки колку што можеле, не е ‘нож до коска’. Јас уште му верувам на зборот. Не знам дали ќе ни плати, времето работи против нас, но додека постои Вардар, постои и надеж“ – вели поранешниот македонски селектор.

Со проблематиката веќе се занимава и ЕХФ. Во организацијата велат дека се свесни за големиот проблем.

„Ова е нашата главна грижа и затоа создаваме систем со кој ќе има контрола на буџетите и на финансиските состојби во секој клуб. Исто така, има разговори за потенцијални гарантни фондови, но нема конечен договор“ – изјавиле од ЕХФ за Мундо Депортиво.

 

 

 

Се вчитува...