Доминацијата продолжува: ПСЖ со Раул на клупата до нова титула во Франција

ПСЖ ја продолжува доминацијата во францускиот ракомет откако „светците“ со вечерашниот триумф над Монпелје од 37-33 на пет кола до крајот ја одбранија шампионската титула на домашната сцена.

Избраниците на тренерот Раул Гонзалес играат неверојатно цела сезона, на досегашните 25 одиграни средби имаат исто толку победи, покажувајќи зошто се страв и трепет за ривалите. Истото беше случај и на денешниот дуел на кој одбраната не беше на посакуваното ниво, но ПСЖ со атомски напад му даде 37 гола на Монпелје и стигна до нов триумф. Стеинс со осум гола беше најефикасен во таборот на „светците“, додека по пет погодоци постигнаа Гребиј и Пранди.

Нант славеше убедливо на гостувањето против Лимож со 23-31, триумф со кој тимот на Кире Лазаров останува на второто место на табелата. Македонскиот ас не настапи ниту на овој меч за Нант, како последица од повредата што ја заработи при бараж-дуелите со Чешка.

Се вчитува...