„Дон“ Писонеро: Се што треба да знаете за новиот тренер на Вардар

Веќе не постојат никави дилеми, Давид Писонеро е изборот на управата на Вардар за нов предводник на „црвено-црните“. Улогата на бранител на трофејот уште повеќе ќе го зголеми предизвикот за овој шпански стратег, кој ќе тргне по стапките на Раул Гонзалес и Роберто Гасија Парондо во обид да му ја донесе на Вардар и третата европска круна. Слично како и своите претходници, Шпанецот пристигнува во Скопје без посериозно тренерско реноме, но полн со ентузијазам за напорна работа и остварување на врвни резултати.

Што е она што треба да се знае за новиот Шпанец на клупата на Вардар? Тој има 46 години и важи за легенда на Валјадолид, бидејќи голем дел од својот ракометен век го мина во овој клуб. Како играч настапуваше за Валјадоли од 1990 до 1995 и потоа од 1998-2003, за соиграч имајќи го Раул Гонзалес. Во истиот период за Валјадолид настапуваше и Парондо, како и сегашниот тренер на Веспрем, Давид Дејвис.

Како играч Писонеро има настапувано и за Кантабрија (1995-1997) и за Адемар (1997-1998). Во неговата колекција има трофеи од Купот на Шпанија со Валјадолид и со Кантабрија. Тој има настапувано и за младинските селекции на Шпанија, а за малку не влезе во финалниот список за сениорскиот тим за ОИ во Сиднеј во 2000 година. Неговиот процент на успешност од 73% го прави еден од најдобрите шутери во историјата на АСОБАЛ-лигата.

„Дон Писонеро“ кариерата ја заврши многу рано, на 30-годишна возраст поради тешка повреда на коленото, што не можеше да биде санирана ниту со пет хируршки зафати. Потоа тој се посвети на тренерскиот занает, работеше со младинските категории во Валјадолид, за во декември 2017 година да добие шанса како предводник на сениорскиот тим. Во двете сезони како предводник на оваа екипа ги освои деветтото и седмото место, но Валјадолид импресионираше со допадливиот стил на игра.

Сега пред него е најголемиот предизвик во тренерската кариера, а Писонеро е решен да ја искористи шансата што му ја укажа раководството на Вардар.

Се вчитува...