Донарума со ултиматум до ПСЖ: Или јас или Навас

Џанлуиџи Донарума минатото лето пристигна како големо засилување во ПСЖ. Донарума реши да го напушти Милан на крајот на минатата сезона откако одби да го продолжи договорот, а имаше можност да избере нов клуб како слободен играч без обештетување.

Иако имаше неколку интересни понуди, на крајот Донарума реши да потпише за ПСЖ неколку дена откако со репрезентацијата на Италија стана европски првак. Донарума пристигна во ПСЖ како големо засилување и се чинеше дека нема сомнеж дека ќе биде прв голман, но тоа не се случи. Откако Кејлор Навас остана во клубот беше јасно дека двајцата ќе се борат за позицијата прв голман.

Сезонава Италијанецот не бранеше ни приближно колку што очекуваше, поради што испрати јасна порака до челниците на ПСЖ. Тој рече дека сака да остане во клубот, но дека едноставно мора да донесат одлука кога е во прашање тој и Навас.

„Сакам да останам во ПСЖ. Ова не беше лесна сезона бидејќи бранев половина од натпреварите и не можев да го дадам својот максимум. Натпреварување со Кејлор Навас следната година? Не, нема да биде така. Клубот ќе мора да направи избор во тој поглед“, потенцираше Џанлуиџи.

23-годишниот голман оваа сезона за ПСЖ играше 23 пати во сите натпреварувања, додека Навас бранеше на 25 натпревари. Тој има договор со парижаните до летото 2026 година.

Се вчитува...