Дончиќ: Лани научив многу, годинава дојдов по трофеј на Ф4

Словенечката ѕвезда во Реал Мадрид, суперталентираниот Лука Дончиќ, веќе на 19 години го носи признанието за најкорисен играч во Евролигата оставајќи зад себе во конкуренцијата бројни поискусни суперѕвезди на европската кошарка.

„Чувството е одлично, ова е остварување на сонот. Им благодарам на сите што гласаа за мене. Особено сум им благодарен на моите соиграчи и на тренерите со кои што работам, бидејќи без нив ова не ќе беше можно“, истакнува младиот суперталент.

Тој вечерва во финалето со неговиот Реал Мадрид се соочува со бранителот на трофејот, турскиот Фенербахче предводен од специјалистот за евролигашки титули, Жељко Обрадовиќ.

„Ќе биде многу тешко, Фенербахче е неверојатен тим, имаат одличен тренер, супер навивачи, ќе биде тежок натпревар. Ќе мора да бидеме фокусирани 40 минути, да внимаваме на секој посед на топката и најважно, мора да одиграме како тим“ – вели младиот Словенец. 

Дончиќ втора година по ред е учесник на Ф4 турнирот. Минатата сезона, со Реал Мадрид во полуфиналето беше поразен токму од освојувачот на трофејот, Фенербахче, а потоа се соочи со пораз и од ЦСКА Москва во дуелот за третото место.

„Сега сум многу посигурен од претходната година кога прв пат бев на Ф4. Минатата сезона беше и добра и лоша за мене. Лоша секако поради поразите, но добра лично за мене бидејќи научив многу за овој турнир и за полуфиналето“ – изјави Лука по добивањето на МВП-признанието.

Лука Дончиќ оваа сезона го доби и признанието за најдобар „играч во подем“ кое што го доделуваат  тренерите на евролигашките екипи.

Во пресрет на Ф4 турнирот во Белград, Дончиќ изјави дека ќе ја донесе одлуката околу евентуалното заминување во НБА лигата. Шпекулациите велат дека тој ќе биде највисоко на претстојниот НБА драфт.

Финалниот дуел на Ф4 турнирот од Евролигата, вечерва во Белград е закажан за 20 часот.

Се вчитува...