Добро беше познато дека Лука Дончиќ нема да остави апсолутно ништо на случајноста пред продолжувањето на НБА сезоната. Паузата поради пандемијата на коронавирусот Дончиќ ја минува во родната Словенија, повеќе од еден месец максимално работејќи на одржувањето на формата пред рестартот на 31. јули.
„Доаѓањето во Словенија беше моја најдобра одлука. Во Далас немав услови какви што имам тука, за подготовка и на физички и на ментален план. Времето кое го минувам во Словенија е добредојдено за мене“ – вели Дончиќ, и дополнува:
„Првото нешто кога дојдов во Словенија беше да видам какво е чувството повторно да имам топка во моите раце. Неколку денови постојано работев на шутот, на кошот пред мојата куќа. А потоа се по ред“.
Словенецот, како што вели, одработува сега две до три тренинг сесии дневно, заедно со неговиот пријател Лука Рупник поранешен кошаркар на Фуенлабрада. Дончиќ има и секојдневни вежби во теретана за подобрување на атлетскиот капацитет под надзор на специјалистот за индивидуален тренинг и кондиција, Јуре Дракслер, а неизбежен дел за подобрување на кондицијата е и тенисот.
Но, размислувајќи буквално на се, словенечкиот кошаркар за периодот на престој во својата земја ангажираше и личен готвач. Тоа е престижниот словенечки кулинар кој работи во Лондон, Домен Демсар.
„Храната секојдневно внимателно се одбира, согласно и калкулациите за внес на калории. Не смее ништо да се остави на случајноста кога е во прашање Лука. Во САД на 30. јуни кога ќе продолжат тренинзите мора да се врати во топ-форма“ – вели Демсар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА