Драма и во Македонија… Се спасуваше живот на фудбалски терен и во Прилеп!

Фудбалскиот свет дефинитивно се повеќе се прашува што ли се случува ширум фудбалските терени во Европа, откако во само три недели починаа четворица професионални фудбалери Давиде Астори, Томас Родригез, Адриан Лилебек и Бруно Бобан. Смртта на Бруно Бобан, фудбалерот од хрватска Марсонија, е последна од низата актуелниов месец во кој четворица фудбалери ги загубија животите.

Вистинска драма, за среќа со позитивен крај, се случуваше вчера и на фудбалски терен во Македонија. Мечот од Општинската лига – Прилеп меѓу Прилеп сити и Славеј 2017 од Кривогаштани кој се играше на „Вештачкото игралиште“ во Прилеп беше прекинат во 40. минута (при резултат 2-0 за домашните) откако на терен при еден судир колабираше голманот на Славеј 2017, Ѓорѓи Стеваноски.

„Гостинскиот голман заработи навистина тешка повреда. Беа тоа мачни сцени. Шокирачки за сите нас. Среќни сме што на крајот се добро се заврши, а потоа секако на никого повеќе не му беше до фудбал. Затоа и натпреварот беше комплетно прекинат. Само посакуваме што побрзо закрепнување на фудбалерот на Славеј“ – велат од ФК Прилеп сити.

Стеваноски се срушил на теренот по што веднаш на помош втрчале неколку негови соиграчи. Интервенирале и лица од публиката и Брзата помош кои по неколкуминутна „борба“ за среќа успеале да спасат млад живот…

„Откако се виде дека ситуацијата е навистина сериозна на терен втрчаа и неколку лица од публиката, веројатно и блиски на голманот, кои успеаја да го спасат. Долго време околу 150 присутни на игралиштето бевме во шок се додека медицинските екипи не соопштија дека е подобро и потоа итно беше префрлен во болницата во Прилеп“ – ни изјавија сведоци на настанот.

Вчера трагедија на фудбалски терен беше избегната и на пријателскиот натпревар меѓу Словачка и Тајланд, кога по еден удар со топка се онесвести словачкиот репрезентативец Мартин Шкртел. Поранешниот фудбалер на Ливерпул беше удрен со топка во главата, по што остана без свест да лежи неподвижен. За среќа веднаш притрча неговиот тимски колега Ондреј Дуда, кој му го извлече јазикот од уста и со тоа му го спаси животот на словачкиот фудбалер, спречувајќи нов трагичен настан на терените.

Се вчитува...